Трагичен настан се случил во струшкото село Октиси, каде што 70-годишен маж го загубил животот откако паднал во ископ за бунар во дворно место на куќа.
Како што информираат од полицијата, вчера во 15:15 часот во ОВР Струга било пријавено дека Б.М. (70) од Октиси паднал во ископот, кој бил направен од страна на градежна фирма.
По пријавата, на местото биле испратени припадници на Територијалната противпожарна единица од Струга, кои го извлекле телото на 70-годишникот.
Лекар од Здравствениот дом во Вевчани констатирал смрт без видливи траги на насилство.
На местото на настанот бил извршен увид од страна на јавен обвинител, претставници на Државниот инспекторат за труд и полициски екипи.
По наредба на надлежните органи, врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција, која треба да даде дополнителни информации за околностите и причината за смртта.








