ПРВ.мк
Македонија

СНЕЖЕН БРАН ЗАФАЌА И ГРАДОВИ: Попоски откри каде се очекуваат до 20 сантиметри снег и какво време нè чека!

СНЕЖЕН БРАН ЗАФАЌА И ГРАДОВИ: Попоски откри каде се очекуваат до 20 сантиметри снег и какво време нè чека!

Продорот на значително постуден воздух од север ќе донесе нагло заладување во Македонија во текот на викендот, а дождот во голем дел од земјата ќе премине во снег. Според прогнозата на метеорологот Славчо Попоски, промената на времето ќе започне во сабота навечер, на 28 ноември, ќе продолжи во текот на ноќта кон недела и ќе биде особено изразена во недела, на 29 ноември.

Врнежите во поголемиот дел од Македонија ќе бидат од снег, додека во Повардарието и во југоисточните предели се очекува дожд, а на одредени места и комбинација од дожд и снег. Во периоди врнежите ќе бидат пообилни, поради што до недела напладне на многу места ќе се формира снежна покривка.

Според прогнозата, во поголем дел од земјата снежната покривка ќе достигне висина од 1 до 5 сантиметри. Во западните и северните делови, во одредени градови, се очекува да наврнат и да се формираат од 10 до 20 сантиметри снег, додека на планините и во скијачките центри снежната покривка може да достигне од 20 до 30 сантиметри.

И во Скопје и околината ќе има врнежи од дожд и снег во посочениот период. На околните планини и во повисоките делови од Скопската котлина, пак, врнежите ќе бидат претежно од снег, при што ќе се формира снежна покривка. Во повисоките предели на котлината се очекуваат од 1 до 10 сантиметри снег, а на околните планини и повеќе.

Покрај снежните врнежи, ќе дува и умерен до повремено засилен ветер од северен правец, кој локално и повремено ќе достигнува, па и ќе надминува 40 километри на час.

Студен викенд со температури под нулата

Недела, 29 ноември, ќе донесе значително студено време низ Македонија. Утринските температури ќе се движат од минус 3 до 4 степени, додека дневните максимални температури ќе бидат во интервал од 0 до 6 степени Целзиусови.

Во Скопје и околината, во недела наутро температурата ќе се спушти до околу 1 степен, а во текот на денот ќе достигне приближно 3 степени.

Поради очекуваниот снежен бран и зимските услови на патиштата, Попоски апелира до возачите да бидат особено внимателни во текот на викендот, особено при патувањата низ планинските превои, каде што условите за возење може значително да се влошат.