ПРВ.мк
Македонија

Скопјанец е единствениот Македонец осуден за учество во војната во Украина – приказна од затворот Идризово

Скопјанец е единствениот Македонец осуден за учество во војната во Украина – приказна од затворот Идризово

Љупчо Бојчевски, 37-годишен Скопјанец, стана единствениот Македонец кој добил затворска казна поради „учество во странска војска“ во конфликтот во Украина, борејќи се на руската страна. На судењето, тој јавно изјавил дека се кае за својот избор, што е запишано и во пресудата. Во интервју за „Радио Слободна Европа“ од затворот „Идризово“, Бојчевски ја раскажа својата приказна и патот до боиштата.

Тој е осуден на четири години затвор, откако македонските власти откриле дека три месеци учествувал во борбите во Украина. Законот за „учество во странска војска“ е воведен во 2014 година со цел да се спречи заминување на македонски граѓани во конфликтите во Сирија и други региони од Блискиот Исток. Досега, пресуди имало само за приклучување кон формации како ИСИС, а овој случај е прв што се однесува на војната во Украина, започната со руската инвазија во 2022 година.

Според РСЕ, постои уште еден потврден случај на Македонец регрутиран за војна во Украина, но тој завршил со условна казна. Државните институции нагласуваат дека овие се поединечни случаи и нема организирано регрутирање за боиштата. Македонија официјално ја осудила руската инвазија како „директен напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“ и го поддржува меѓународниот притисок и санкции против режимот на Владимир Путин.

Бојчевски е правосилно осуден на 13 мај оваа година. Тој бил регрутиран преку затворена група на апликацијата „Телеграм“ од Руси. Во пресудата е забележано дека тој ја признал вината и изразил искрено каење за стореното кривично дело.

„Одамна следев што се случува таму, преку интернет и Телеграм. Пишувате само ‘Донбас’ и излегуваат милиони канали. Аплицирав уште во 2021 година, и по две години ми ѕвони телефон од руски број со понуда да работам за руското министерство. Прифатив“, раскажува Бојчевски.

Тој патувал од Скопје до Белград со автобус, па со авион до Истанбул, и потоа до Москва, пред да биде упатен на фронтот кај Мариупол. Целата организација – од патувањето, сместувањето во хотел до трансферот на боиштето – била управувана од регрутерот „Муса“, Русин и член на Федералната служба за безбедност (ФСБ). Бојчевски опишува дека Муса владеел со страв и трепет, и дека успеале да поминат низ сите контролни пунктови без документи.

На фронтот, Бојчевски не бил сам – со него бил и негов другар Тони Шегмановски. На судењето биле користени фотографии од телефонот на Бојчевски кои го прикажувале и Тони, кој бил повреден, но не животно загрозен. Шегмановски подоцна починал во Скопје, а неговото тело било пронајдено во напуштена куќа во населбата Аеродром. Обвинителството посочува дека не се работело за насилна смрт, но деталите од обдукцијата не се откриени. По оваа трагична смрт, биле пронајдени информации и за Бојчевски, што довело до истрага.

Бојчевски тврди дека се борел на руската страна по лични убедувања „за братскиот народ“ и дека требало да добива 3.000 евра месечно, иако договорот не ги содржел износите. Тој и другарот биле единствените Македонци на тој реон, а другите борци од Македонија не биле примани.

„Бевме ротирани на различни задачи, не цело време на фронт. Непријатно е да кажувам што сум видел – психопати, ужасни дела, вистински злосторства, понекогаш непотребни“, вели Бојчевски, раскажувајќи ја суровата реалност на боиштето.

Escape