ПРВ.мк
Македонија

СКАНДАЛ ВО МВР: Полицаец малтретирал и навредувал малолетници!

СКАНДАЛ ВО МВР: Полицаец малтретирал и навредувал малолетници!

Случај што предизвика реакции во јавноста е пријавен во Струга, каде според сведоштва на очевидци, полициски службеник од сообраќајната полиција наводно малтретирал и навредувал две малолетни лица.

Според информациите, инцидентот се случил на 5 јули, околу половина час по полноќ, во населбата Езерски Лозја. Двете малолетни лица, на возраст од 15 и 16 години, биле запрени од полицискиот службеник М.Т.

Сведоците за „Инфомакс“ тврдат дека по запирањето, без претходно образложение и причина, полицискиот службеник започнал физички да го напаѓа едното од момчињата, при што наводно му удрил неколку шамари.

Покрај тоа, според нивните тврдења, кон малолетникот биле упатени навреди и вулгарни зборови, со кои тој бил понижуван и омаловажуван.

Во моментот кога другото момче реагирало на однесувањето кон неговиот другар, сведоците велат дека и тоа било навредувано и заплашувано од страна на полицискиот службеник.

Семејствата на малолетниците тврдат дека за случајот била поднесена претставка, но од Министерството за внатрешни работи информирале дека до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди досега не е доставена пријава поврзана со овој настан.

„Ве известуваме дека таква претставка не е доставена до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР“, одговориле од Министерството.

Според дополнителните информации, наводно полицискиот службеник и претходно бил предмет на дисциплински постапки, поради што бил санкциониран и распоредуван на други работни места, а подоцна повторно бил вратен во Полициската станица Струга во сообраќајната полиција.

За случајот се очекува понатамошно постапување од надлежните институции, доколку бидат доставени официјални пријави и докази, со цел да се утврди дали имало прекршување на службените овластувања и одговорност на полицискиот службеник.

Најнови вести