Силно невреме го зафати централниот дел од Словенија, оставајќи зад себе соборени дрвја, оштетувања на електричната мрежа и прекини во железничкиот сообраќај.
Поројните врнежи, грмежите и силниот ветер предизвикале проблеми на повеќе локации, а екипите на електродистрибуцијата веднаш биле испратени на терен. Голем дел од дефектите биле отстранети, но на одредени места сè уште се работи на целосно нормализирање на снабдувањето со електрична енергија.
Проблеми има и во железничкиот сообраќај. Поради паднати дрвја целосно бил прекинат сообраќајот меѓу Литија и Трбовље, поради што Словенечките железници организирале заменски автобуски превоз.
Истовремено, Словенечката агенција за животна средина издаде ново предупредување за централниот дел од земјата. Се очекуваат нови локални невремиња со силни молњи, олуен ветер и обилни врнежи, а постои и опасност од нагло зголемување на водостоите и појава на урбани поплави.
Што се однесува до Македонија, и УХМР најавува промена на временската состојба. Во деновите од викендот се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално може да бидат поројни и пообилни, проследени со грмежи и засилен северен ветер. Од сабота се очекува и опаѓање на дневните температури.







