ПРВ.мк
Македонија

Силниот ветер урна дрво во Скопје – повредена 88-годишна жена

Силниот ветер урна дрво во Скопје – повредена 88-годишна жена

Осумдесет и осумгодишна жена е повредена откако дрво се срушило врз неа во паркот на улицата „Јуриј Гагарин“ во скопската населба Козле.

Според очевидци, дрвото се скршило под налетите на силниот ветер и за само неколку секунди паднало врз жената, која во тој момент се наоѓала во паркот.

Присутните граѓани веднаш притрчале да ѝ помогнат, а на местото на настанот брзо пристигнала и екипа на Итната медицинска помош.

Според првичните информации, жената била во свесна состојба и се здобила со полесна повреда на раката. Медицинските екипи ѝ укажале прва помош на лице место.

Инцидентот предизвикал вознемиреност кај посетителите на паркот и игралиштето за деца, кои биле сведоци на несреќата. Случајот уште еднаш ја отвори темата за безбедноста на старите дрвја во јавните паркови, особено за време на силен ветер и нестабилни временски услови.