Лажен лекар измами 83-годишен жител на Битола за 10.000 евра, претставувајќи се телефонски како доктор и доведувајќи го во заблуда дека неговата внука е тешко повредена и итно ѝ е потребна операција.
Случајот бил пријавен на 24 февруари 2026 година во 13:30 часот во СВР Битола. Според информациите од полицијата, непознато лице му се јавило на повозрасниот маж и му соопштило дека неговата внука паднала по скали и се здобила со сериозни повреди, поради што биле потребни пари за итен хируршки зафат.
Верувајќи во приказната, 83-годишникот ги подигнал и ги предал 10.000 евра на лице кое дошло пред неговиот дом. Дури подоцна, по разговор со својот син, сфатил дека станува збор за измама, по што веднаш го пријавил случајот во полиција.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расчистување на случајот. Полицијата апелира до граѓаните, особено до повозрасните лица, да не наседнуваат на вакви телефонски повици и секогаш да ја проверат информацијата преку директен контакт со членови на семејството пред да предадат пари.


















