Основниот кривичен суд Скопје објави јавен оглас за избор на 20 нови судии поротници, кои ќе ја извршуваат оваа функција во наредните четири години.
Во моментов, на судењата активно учествуваат 37 судии поротници, а според потребите на судот бројката треба да достигне околу 70, со цел да се подобри ефикасноста во работењето.
За судија поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Македонија со најмалку завршено средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива добар углед и не е постар од 67 години. За постапките што се однесуваат на малолетници, предност имаат лица со искуство во воспитување и образование на млади.
Рокот за пријавување е 10 дена од денот на објавувањето на огласот.
Иако не се професионални судии, судиите поротници учествуваат во донесувањето на судските одлуки заедно со судиите и го претставуваат гласот на граѓаните во судскиот процес.
Претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска, ги повика заинтересираните граѓани да се пријават, истакнувајќи дека нивното учество придонесува за праведно, одговорно и транспарентно судство.








