Канцеларијата на директорот на Јавното комунално претпријатие „Сарај“ била мета на провалници, при што биле украдени пари од дневниот промет на претпријатието.
Според информациите од МВР, директорот Идриз Хоџа (41) вчера го пријавил случајот во Полициското одделение Сарај. Провалата се случила во периодот од 31 јули до 4 август, кога со употреба на сила била отворена влезната врата од неговата канцеларија, сместена во објектот на Општина Сарај.
Крадецот насилно отворил и фиока од работното биро, од каде ги одзел парите од прометот на јавното претпријатие.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за откривање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.








