Полицијата привела 27-годишен жител на Голема Речица по пријава од 22-годишна жена од Тетово, која пријавила дека тој најпрво ѝ се заканувал, а потоа физички ја нападнал неа и двајца членови на нејзиното семејство.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Ф.Ш. (27) бил лишен од слобода на 14 септември околу 19 часот од страна на полициски службеници од СВР Тетово.
Според пријавата, 22-годишната Ф.А. од Тетово околу 15:50 часот се наоѓала во трговски центар во градот, каде што, според нејзините наводи, Ф.Ш. ѝ упатувал закани.
Подоцна, жената заедно со членови на своето семејство се упатила пред домот на 27-годишникот, со намера да разговараат со неговите родители за случувањето.
Наместо разговор, според пријавеното, ситуацијата ескалирала. Ф.Ш. наводно физички ја нападнал Ф.А., а потоа ги нападнал и нејзината мајка Е.А. (50) и нејзиниот чичко Љ.А. (48).
Во нападот, според пријавата, се приклучиле и мајката и тетката на Ф.Ш.
Оштетени и автомобилот и телефонот
Во текот на инцидентот, како што е пријавено во полицијата, Ф.Ш. оштетил и патничко возило „Фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки.
Пријавено е и оштетување на мобилниот телефон на 22-годишната Ф.А.
По пријавувањето на случајот, полициски службеници го лишиле од слобода 27-годишникот, кој бил задржан во полициска станица.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот, по што против него ќе биде поднесена соодветна пријава.






