Над Македонија денес ќе се прошири брз, влажен и поладен воздушен бран од северозапад, кој ќе донесе локални врнежи од дожд, засилен ветер и снег на планините над 1800 метри, предупредуваат метеоролозите.
Во претпладневните и раните попладневни часови, времето ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд во поголемиот дел од земјата. На северозападните и северните планини, над 1800–1900 метри, дождот ќе преминува во снег, што е првиот сигнал за приближувањето на постудениот есенски период.
Бранот ќе биде проследен со засилен северен и северозападен ветер, особено изразен долж Повардарието, каде што налетите локално ќе надминат 50 километри на час.
Во Скопје и околината, времето ќе биде променливо со повремен дожд, а ветерот ќе се засилува во текот на денот. Максималната температура во главниот град ќе достигне околу 16 степени, додека во останатите региони ќе се движи помеѓу 11 и 18 степени.
Метеорологот Славчо Попоски истакнува дека заладувањето е краткотрајно, но претставува најава за постепено стабилизирање на есенскиот период, со можност за нови влажни бранови кон крајот на неделата.
Утрово облачноста од северозапад се зголемува, а температурите во повеќето места се под 10 степени, а на повисоките локации и под 5 степени. Вечерва и ноќта врнежите постепено ќе престануваат, но ќе остане ветровито и свежо.
Попоски препорачува граѓаните да бидат внимателни при движење, особено во повисоките делови на земјата и на отворените патишта, каде засилениот ветер може да предизвика краткотрајни проблеми во сообраќајот.















