ПРВ.мк
Македонија

Рекордни цени за станови во Скопје: Побарувачката експлодира! Ова се деталите

Рекордни цени за станови во Скопје: Побарувачката експлодира! Ова се деталите

Цените на становите во Скопје достигнаа историски рекорд, а скопскиот Центар повторно го држи приматот како најскапа општина во државата. Според најновите податоци од Агенцијата за катастар на недвижности, најскапиот стан во третиот квартал од 2025 година е продаден токму таму – купувачот за 91 квадратен метар платил 280.000 евра, што изнесува над 3.000 евра по метар квадратен.

Во периодот од јули до септември 2025 година, во целата држава се реализирани 845 продажби на новоизградени станови, што е за 169 повеќе во однос на претходниот квартал. Овој тренд го потврдува и „Блумберг Адрија“, која пренесува дека според податоците на Народната банка, цената на недвижностите во земјава пораснала за рекордни 25,1%, што е највисок раст во последните 25 години. Последен пат сличен пораст е забележан во 2008 година, пред падот на пазарот.

Градежните компании предупредуваат дека растот на цените ќе продолжи, особено во атрактивните општини, бидејќи побарувачката драстично ја надминува понудата. „Во моментов побарувачката е многу поголема од понудата, особено во општините каде што има најголем интерес за купување станови. Сè додека не се изгради доволно, нема да има стабилизација, ниту намалување на цените“, изјави Андреја Серафимовски, претседател на Здружението на градежници при Стопанската комора на Македонија за „Блумберг Адрија ТВ“.

Најактивни општини на пазарот на недвижности остануваат Аеродром, Центар, Чаир, Гази Баба, Кисела Вода и Карпош, каде што се бележи најголем број продажби. Во Аеродром се продадени 275 станови, во Центар 236, во Чаир 133, во Гази Баба 121, во Кисела Вода 114, а во Карпош 103.

Дополнително, од Катастарот откриваат дека се регистрирани 26.463 листови за предбележување градба, што значи дека бројни нови објекти се во изградба и наскоро ќе бидат понудени на пазарот – најавувајќи уште пожив пазар во наредниот период.

Не дознавај последен - читај ПРВ.мк

Escape