Легендарниот „Ориент експрес“ најави нова, спектакуларна маршрута која ќе ги поврзе Париз и крајбрежјето на Амалфи, со првото патување на 4 мај 2026 година. Ова е првпат историскиот воз да достигне овој дел од Италија, нудејќи им на патниците комбинација од раскош, историја и природна убавина во стилот на златната доба на патувањето.
Возот е познат по врвна услуга, одлична кујна и зачувани арт деко вагони од 20-тите години. Патниците се пречекуваат со чаша шампањ и можат да изберат помеѓу историски двојни кабини, апартмани или големи гранд апартмани со приватни мермерни бањи и дизајнерски детали инспирирани од италијанските градови.
По ноќно патување низ Франција и Италија, возот пристигнува во Помпеја за приватна тура низ археолошкото наоѓалиште, а потоа следува возење со брод по живописниот брег до хотелот „Карузо“ во Равело, сместен во поранешна палата од 11 век. Пакетот вклучува една ноќ во возот и две ноќевања во хотелот, со гурмански оброци и избор на сомелиерски вина.
Гостите можат да учествуваат во ексклузивни активности: тура низ Помпеја, часови по готвење со локални состојки, работилници за сликање и панорамско возење со брод по брегот. Резервациите се достапни на belmond.com.
Со оваа нова линија, „Ориент експрес“ ја зацврстува својата позиција како култен и најлуксузен воз во Европа, нудејќи незаборавно патување низ срцето на италијанската идила.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк