Во раните утрински часови во Прилеп е спроведена голема полициска акција во координација со Финансиската полиција и Основното јавно обвинителство. Според информациите, приведени се над 20 лица, меѓу кои и поранешни директори и високи функционери од прилепската болница.
Од Обвинителството за Скопје1.мк потврдија дека акцијата се изведува по нивни наредби и насоки, а во моментов се вршат истражни дејствија поврзани со сериозни злоупотреби во работењето на јавната здравствена установа во градот.
„По наредба и насока на Основното јавно обвинителство Прилеп, Управата за финансиска полиција спроведува дејствија во врска со наводи за злоупотреби во работата на болницата. Истражните активности се во тек, а повеќе информации ќе бидат објавени во текот на утрешниот ден,“ соопштуваат од Обвинителството.
Првичните податоци укажуваат на сомнежи за финансиски малверзации, фиктивни набавки и злоупотреби со јавни средства. Истрагата, како што се дознава, се проширува и кон други институции и компании кои имале договори со болницата.
Ова е една од најмасовните акции во последните години во здравствениот сектор во Прилеп, а јавноста со нетрпение ги очекува официјалните информации за идентитетот на приведените и за конкретните кривични дела кои им се ставаат на товар.