Во македонските затвори во моментов има околу 430 осудени лица со А-третман и околу 340 со Б2-третман, од кои најголем дел би можеле да бидат пуштени на условен отпуст, со препорака од секторите за ресоцијализација и директорите на казнено-поправните установи, изјави директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов.
„Не велам дека сите, но најголем дел од тие осудени лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, претходно со препорака од секторот за ресоцијализација и од директорите на затворите,“ рече Пандов на состанокот „Пробација и условен отпуст“ во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје.
На состанокот присуствуваа и директорката на Академијата Ирина Трајкоска-Стрезоски, претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски, како и претседатели на судови и судии кои постапуваат по предмети за условен отпуст.
Пандов посочи дека пробацијата во Македонија постои веќе шест години, но не се користи доволно, иако системот има потенцијал за многу поширока примена. „Еден осуденик месечно нè чини околу 1.000 евра. Не мал број од овие 750 луѓе нè чинат многу како општество, а одат таму и се однесуваат како во хотел – ги храниме и ги чуваме,“ додаде Пандов, истакнувајќи ја економската корист од почеста примена на условниот отпуст.
Во моментов над 900 лица се под пробациски мерки, а постојат и повеќе од 100 барања за нивен прекин, најчесто поради непочитување на обврските од страна на осудените.
Претседателот на Судскиот совет, Камбовски, нагласи дека суштината на казнувањето не е само во самата казна, туку и во ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите, при што условниот отпуст е клучен механизам.
Директорката на Академијата, Трајкоска-Стрезоски, додаде дека институцијата ќе продолжи да им дава поддршка на судиите и судовите кои применуваат алтернативни мерки и санкции.
Законот за пробација е донесен во 2015 година, а се применува од 2018 година. Иако е важен инструмент за намалување на пренатрупаноста во затворите и за реинтеграција на осудените, надлежните институции сметаат дека неговата примена треба да се засили и унапреди.