Француската морнарица изврши спектакуларна акција во Атлантскиот Океан, запленувајќи моторен чамец натоварен со 2,4 тони кокаин во близина на португалскиот остров Мадеира. Според обвинителството во Брест, во акцијата била употребена сила, откако шверцерите одбиле да запрат на предупредувањата.
Вредноста на дрогата се проценува на над 128 милиони евра.
Акцијата била дел од меѓународна операција спроведена во координација со САД и Велика Британија, а во неа учествувале и португалските и шпанските власти. Весникот „Паризиен“ објави дека фрегатата на француската морнарица отворила оган за да ги уништи моторите на чамецот, со што било спречено неговото бегство.
Дополнителна поддршка дошла од хеликоптер на француската морнарица и авион на царината, кои помогнале во лоцирањето и блокирањето на пловилото.
Според истрагата, оваа заплена е дел од растечкиот тренд на шверц на големи количества кокаин кон Европа од Јужна Америка, најчесто преку Шпанија, Португалија и Франција.
Француските медиуми предупредуваат дека континентот се соочува со нова ера на масовен увоз на дрога, која ја нарекуваат „бело цунами“.