ПРВ.мк
Македонија

РАЗБИЕНА ШЕМА СО БРЗИ КРЕДИТИ: Фалсификувале документи и земале брзи кредити на туѓо име - обвинети се 6 лица!

РАЗБИЕНА ШЕМА СО БРЗИ КРЕДИТИ: Фалсификувале документи и земале брзи кредити на туѓо име - обвинети се 6 лица!

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против шест лица осомничени дека организирале измамничка шема преку која со злоупотреба на лични податоци и фалсификувани документи подигале брзи кредити на име на други граѓани.

Покрај обвинението, против уште 33 лица е поднесен предлог за издавање казнен налог поради сомнение за сторено кривично дело „компјутерска измама“.

Според Обвинителството, обвинетите во подолг временски период дејствувале на ист начин, внесувајќи невистинити податоци во информатичките системи на повеќе финансиски друштва со цел незаконски да добијат брзи кредити.

Во истрагата е утврдено дека во шемата било вклучено и службено лице вработено во Фондот за здравствено осигурување, кое, според сомнежите, им овозможувало пристап до ЕЗБО броеви преку електронскиот систем на институцијата.

Со користење на тие податоци, осомничените наводно изработувале или користеле фалсификувани исправи и ги злоупотребувале личните податоци на други лица, со што успевале да аплицираат и да добијат брзи кредити на нивно име.

Според обвинението, четворица од обвинетите во периодот од февруари 2023 до јуни 2024 година стекнале противправна имотна корист од 2.509.808 денари, додека останатите осомничени во текот на 2022 и 2023 година прибавиле дополнителни 659.500 денари.

Во рамки на постапката биле опфатени и уште четири лица, но за нив обвинителот донел решение за запирање на истрагата. За двајца не биле обезбедени доволно докази за нивна вмешаност, додека другите двајца починале во текот на постапката.

Од Обвинителството посочуваат дека случајот е резултат на обемна истрага, а понатамошната постапка ќе продолжи пред надлежниот суд, каде ќе се утврдува кривичната одговорност на обвинетите.