ПРВ.мк
Македонија

РАСАДНИК НА ШАМПИОНИ! Пуштена во употреба реконструираната спортска сала „Расадник“ во Кисела Вода

РАСАДНИК НА ШАМПИОНИ! Пуштена во употреба реконструираната спортска сала „Расадник“ во Кисела Вода

По децении запоставеност, култната спортска сала „Расадник“ одново ги отвора вратите како нов дом на спортот, младите таленти и идните шампиони на Македонија.

Министерот за спорт, Борко Ристовски заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска официјално ја пушти во употреба комплетно реконструираната сала „Расадник“, една од капиталните инвестиции на Министерството за спорт во спортската инфраструктура. На свеченото отворање на салата присуствуваа и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и градначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, активни и поранешни спортисти, спортски работници и љубители на спортот.

Реконструкцијата на спортската сала „Расадник“ претставува значајна инвестиција во спортската инфраструктура и уште една потврда за посветеноста кон создавањe подобри услови за развој на спортот и на младите генерации.

-Јас сум навистина многу горд од ова што го гледам денеска, како изгледа комплетно реконструирана салата „Расадник“. На овој проект работевме заедно со тогашниот градоначалник на Кисела Вода, сега градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски кој од почетокот беше упатен во целиот процес и завршивме со сегашната градоначалничка на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска. Од она што некогаш беше руина, сега направивме солиден спортски објект со дополнителни содржини и уреден простор. Ова е само еден пример како целиот процес може да се „истурка“, од одземање на ингеренциите на човекот којшто ја раководеше салата 30 години, до изготвување на проект, обезбедување на средства благодарение на премиерот и на Владата, и комплетна реализација. Со дела покажуваме дека работите можат да бидат поинакви и ние како Министерство за спорт и како Влада генерално, сакаме делата да говорот за нас. Ова е уште еден репрезентативен објект од Програмата за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава. Сигурен сум дека од овој спортски храм ќе изникнат многу идни ѕвезди кои достојно ќе ја претставуваат Македонија и македонскиот спорт и на домашна и на меѓународна сцена – истакна министерот Борко Ристовски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски изрази задоволство од добрата соработка меѓу институциите и успешната реализација на овој проект кој е од големо значење за развој на спортот, но и за социјалниот живот на граѓаните.

-Секој ден се трудиме да ги завршуваме оние проекти што ги отпочнавме. Поголем дел од овие проекти се финишираат и го добиваат она светло што го заслужуваат. Еден од тие проекти е и спортската сала „Расадник“. Вака како што е конфигурирана салата е со капацитет од 1000 гледачи, со најсовремени услови. Сигурен сум дека не само младите од Кисела Вода и од Скопје, туку и пошироко, ќе спортуваат, ќе се натпреваруваат и ќе другаруваат и зошто да не, можеби овде ќе израснат и идни спортски ѕвезди кои се најголеми амбасадори на една држава.

Благодарност за исклучително добрата соработка со градоначалниците на Кисела Вода и на Градот Скопје, на министерот за спорт и на сите колеги од Владата кои што ја препознаа целта на онаа наша иницијатива покрената уште кога како Влада го почнавме овој мандат пред две години, преку трансфер кон општините да помагаме за социјалниот развој и тоа да биде додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните бидејќи општините се на првата линија. Така ќе опродолжиме и во иднина – посочи Мицкоски..

Со овој инфраструктурен проект која беше почнат во декември 2024 година извршена е реконструкција на кровот, реконструкција на трибински и подтрибински простор, реконструкција на електрика и фаза машинство, целосна реконструкција на фасада, партерно уредување, поставување на под, како и опремување со спортска опрема.

Реконструираната сала „Расадник“ во иднина повторно ќе биде дом и на ракометниот клуб Вардар.

енеска сме свесни – и среќни поради тоа што Скопје доби нов бисер, Кисела Вода доби нов храм на спортот и ова ќе биде место каде што ќе се раѓаат нови спортски легенди, каде што младите од основните училишта ќе имаат простор за тренинзи. Но, што е најважно овде ќе се врати повторно ракометниот клуб Вардар, она што беше и базично, првично ветување. Нека е аирлија почетокот на оваа сала. Уште еднаш огромна благодарност, не само во името на жителите на Кисела Вода, туку и на цело Скопје до нашиот претседател на Влада, кој што помага општините да се издигнат на многу повисоко ниво од тоа што беа во минатото. И оваа Влада – јас секогаш тоа го споменувам, која што како никогаш до сега ги подржувала општините не само во Скопје, туку и во цела Македонија – рече градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, исто така ја истакна добрата соработка меѓу инстуитуциите во реализацијата на проектот и важноста на овој спортски објект за општината и за нејзините жители.

-Денеска е голем ден за Кисела Вода. Денеска е голем ден за Скопје – за Македонија. Чест и задоволство е, како Општина Кисела Вода, да имаме можност да имаме една ваква голема и убава сала која што е опкружена со еден прекрасен плоштад, кои многу ни недостасуваа. Морам да искажам пред се’, благодарност до премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски и Владата на Република Македонија, министерот за спорт Борко Ристовски и исто така до градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски – и да напоменам дека кога заедно се работи резултатите се видливи. Тоа денес го има во Кисела Вода – рече градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.