Две лица од Прилеп го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што денеска се случила на експресниот пат Градско–Прилеп, по исклучокот за Кавадарци.
Според информациите од СВР Велес, во несреќата учествувале патничко возило „шкода октавија“, управувано од 51-годишен прилепчанец, и патничко возило „фолксваген голф“, зад чиј волан бил 39-годишен жител на Прилеп.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот на „шкодата“ и 42-годишна сопатничка од Прилеп. Смртта ја констатирала екипа на Итната медицинска помош од Кавадарци.
Тешки телесни повреди добил возачот на „голфот“, кој првично бил згрижен во Општата болница во Кавадарци, а потоа префрлен на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото извршиле јавен обвинител и полициска екипа од ОВР Кавадарци, а по завршувањето на увидот сообраќајот на оваа делница бил нормализиран.








