Тешка трагедија ја потресе Холандија откако автомобил удрил во група ученици кои учествувале на училишен велосипедски излет. Во несреќата животот го загубиле три лица, меѓу кои и две деца, додека неколку ученици се здобиле со сериозни повреди.
Несреќата се случила во близина на селото Фогелварде, во јужната холандска покраина Зеланд, недалеку од границата со Белгија.
Според првичните информации, автомобилот удрил во група од 14 деца на велосипеди и двајца возрасни придружници кои биле дел од училишен камп. Во трагичниот настан загинале три лица, а четири деца со тешки повреди биле пренесени во болница.
Надлежните служби веднаш интервенирале на местото на несреќата, додека полицијата започнала истрага за утврдување на точните околности под кои дошло до трагедијата.
Локалните власти засега не ги објавуваат идентитетите и возраста на жртвите, а повеќе информации се очекуваат по завршувањето на истрагата.








