ПРВ.мк
Македонија

ПУКАЛ СО ПИШТОЛ ПРЕД ГОСТИ НА СЕМЕЈНА ПРОСЛАВА: Полицаец заработи кривична пријава и итна суспензија!

ПУКАЛ СО ПИШТОЛ ПРЕД ГОСТИ НА СЕМЕЈНА ПРОСЛАВА: Полицаец заработи кривична пријава и итна суспензија!

Полициски службеник од Полициската станица за граничен надзор Чашка се соочува со кривична пријава и суспензија, откако, според Министерството за внатрешни работи, пукал со огнено оружје за време на семејна веселба, со што ја загрозил безбедноста на присутните.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – специјализирано одделение за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднел кривична пријава против полицискиот службеник З.Р.

Според информациите од МВР, постојат основи на сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“ согласно член 288 став 3 од Кривичниот законик.

Настанот се случил на 22 мај 2026 година во дворот на неговата семејна куќа, каде што се одржувала семејна прослава. Во присуство на поголем број гости, полицискиот службеник, како што наведува МВР, испукал повеќе истрели од огнено оружје, при што создал опасност по животот и здравјето на присутните лица.

Покрај кривичната пријава, Одделот за внатрешна контрола ќе поведе и дисциплинска постапка за утврдување на евентуална одговорност поради кршење на работниот ред и дисциплина. Против службеникот ќе бидат изречени задолжителни мерки, а до завршување на дисциплинската постапка ќе биде отстранет од работното место, односно суспендиран.

Од МВР нагласуваат дека ваквите постапки се дел од мерките за утврдување одговорност кога постои сомнение дека полициски службеник постапувал спротивно на законските овластувања и ги загрозил безбедноста и сигурноста на граѓаните.

Најнови вести