ПРВ.мк
Македонија

Првпат убиство на животно завршува со затвор – монструмот кој го уби Феликс доби ефективна казна!

Првпат убиство на животно завршува со затвор – монструмот кој го уби Феликс доби ефективна казна!
Escape

Во прв преседан за македонското судство, Основниот кривичен суд – Скопје изрече затворска казна за убиство на животно, осудувајќи го Љубе Крстевски на три месеци ефективен затвор за бруталното и свирепо убиство на кучето Феликс. Неговиот соучесник доби глоба од 1.000 евра, потврдија од „Анима мунди“.

„Ова не е само победа за правдата – ова е симболичен момент за сите нас. За сите што не молчевме. За сите животни што никогаш не добија правда“, се вели во емотивното соопштение од „Анима мунди“, организација која заедно со ЈП „Лајка“ поднесе кривична пријава за случајот.

Феликс беше жртва на брутално насилство и почина на 7 јануари 2025 година, а целиот случај ја потресе јавноста. По неколку месеци борба, иницијативи и реакција од граѓани, денеска беше донесена првата судска пресуда со затвор за убиство на животно во историјата на земјата.

„Оваа пресуда испраќа јасна порака – животните не се предмети. Насилството има последици. Владеењето на правото мора да важи за сите, вклучително и за најранливите – животните“, додаваат од „Анима мунди“.

Судијката Лидија Петровска, која ја водеше постапката, изјави:

„Се работи за дело што предизвика висока јавна чувствителност и морална загриженост. Со изрекување ефективна казна затвор се испраќа порака дека ваквите постапки нема да се толерираат.“

„Ова е правна пресвртница. Недоволна – да. Но гласна, недвосмислена и прва. И нема да остане последна.“ – порачуваат од организацијата, повикувајќи институциите да продолжат по истиот пат и да не дозволат насилниците врз животни да остануваат неказнети.

Случајот со Феликс, како што велат од „Анима мунди“, бил тест за институциите, за државата и за совеста на општеството. А денес, судот покажал дека кога има волја – има и правда.

Mia Home Mavrovo