Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, упати драматична порака до Кина, Индија и Бразил, предупредувајќи дека новите секундарни санкции, најавени од американскиот претседател Доналд Трамп, може сериозно да ги погодат овие економски гиганти, поради нивната трговија со руски енергенси.
„Мојата порака до овие три земји е: можеби треба подобро да размислите, бидејќи ова може сериозно да ве погоди. Ве молам, јавете му се на Владимир Путин и кажете му дека мора сериозно да се зафати со мировните преговори“, изјави Руте од Вашингтон, каде што престојува во официјална посета.
Тој нагласи дека Европа нема намера да ја остави Украина без поддршка сè додека не се создаде реален простор за мир. Според него, ЕУ е подготвена да најде финансиски средства со кои ќе ја поддржи Украина во критичниот момент кога ќе започнат мировните преговори.
Повикувајќи се на вчерашната изјава на Трамп, Руте потсети дека САД ѝ дадоа на Русија рок од 50 дена за да прифати прекин на војната во Украина. Во спротивно, ќе следат економски реперкусии – нови царини за руската стока, како и секундарни санкции за секоја земја што ќе продолжи да купува нафта и гас од Москва.
Претседателот Трамп исто така најави масовна воена помош за Украина, вклучувајќи системи „Патриот“ и друго напредно оружје преку посредство на НАТО сојузниците.
Само ден по неговата објава, Кина испрати јасен сигнал дека нема намера да се повлече. Претседателот Си Џинпинг, по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, изјави дека Пекинг и Москва ќе ја зајакнат својата меѓусебна поддршка во сите мултилатерални форуми, што беше пренесено од државната агенција Синхуа.
Оваа порака јасно укажува дека пораките на Трамп не ја добиле посакуваната реакција. Но, Руте останува дециден: ако Кина, Индија и Бразил не го послушаат повикот за притисок врз Путин, последиците ќе ги почувствуваат и самите.