Тешка трагедија ја потресе Индија и светот: 114-годишниот Фауџа Сингх, светски познат како најстариот маратонец, почина откако беше прегазен од теренско возило, а осомничениот возач побегнал од местото на несреќата.
Осомничениот возач идентификуван и уапсен
Индиската полиција потврди дека е уапсен Амритпал Сингх Дилон (26), кој според истрагата, управувал брзо теренско возило кога удрил во Фауџа Сингх додека овој се движел по улица во близина на своето родно село Беас Пинд, во државата Пенџаб. Инцидентот се случил во понеделникот попладне.
Според полицискиот извештај, Дилон ја прикрил несреќата и избегал, оставајќи го тешко повредениот Сингх без помош. Мештани го однеле во болница, но лекарите само можеле да ја констатираат неговата смрт.
Можеби ќе преживееше – возачот можел да му го спаси животот
Индиските медиуми јавуваат дека животот на Сингх можел да биде спасен доколку возачот веднаш повикал брза помош или го префрлел во болница. Полицијата го пронашла возилото и покренала истрага, при што осомничениот е уапсен и ќе се соочи со обвиненија за бегство по предизвикана сообраќајна несреќа со смртни последици.
Фауџа Сингх – човекот кој почна да трча на 89 години
Сингх беше глобална спортска икона. Почнал да трча на 89-годишна возраст, но за кратко време се прославил низ светот. Од 2000 до 2013 година, кога се пензионирал од натпреварувања, истрча девет маратони.
Во 2011 година, стана првиот човек на возраст над 100 години кој завршил цел маратон, во Торонто. Година подоцна, имаше чест да го носи олимпискиот факел на Игрите во Лондон 2012.
И покрај славата – никогаш не доби признание од Гинисовата книга
Иако неговиот британски пасош покажуваше дека е роден на 1 април 1911 година, а доби и писмо со честитка од кралицата Елизабета II за 100-тиот роденден, Гинисовата книга на рекорди никогаш не го призна како најстар маратонец – поради недостиг на оригинален извод од матичната книга на родени.