Со конкретна мерка наместо празни ветувања, ВМРО-ДПМНЕ ја стартува новата иницијатива насочена кон младите, со која сите студенти до 29 години ќе добијат ваучер од 250 евра (15.300 денари) за набавка на персонален компјутер, лаптоп или таблет.
Според партиското соопштение, оваа мерка ќе важи за сите редовни и вонредни студенти на додипломски студии, без разлика дали студираат на државни или приватни факултети во Македонија – сè додека не го имаат наполнето 29-от роденден.
Целта на проектот е јасна – да се овозможи еднаков пристап до современо образование за сите млади луѓе, без оглед на нивниот социјален статус. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ смета дека оваа мерка ќе ја намали дигиталната нееднаквост и ќе ги охрабри младите да останат и студираат во сопствената држава.
Во соопштението се вели дека, за разлика од претходните влади, кои се ограничуваа на декларативни изјави, актуелната влада „ги реализира ветувањата, нуди решенија и покажува вистинска грижа за сите“.
„Сите млади ќе имаат еднаков пристап до модерно образование“, потенцира ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека ова е само дел од поширока платформа на мерки со кои се поддржуваат студентите и се создаваат услови тие да останат во земјата, а не да ја напуштаат.