Во келијата на поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, кој е обвинет во случајот „Онкологија 2“, биле пронајдени три мобилни телефони, потврди судијката Славица Наумовска Јосифовска на денешното рочиште.
Информацијата до Судот била доставена од Казнено-поправната установа „Затвор Скопје“, каде што обвинетиот се наоѓа во притвор. Според доставеното известување, телефони биле откриени и одземени при контрола на неговата келија.
Обвинетиот, пред судот, ги негираше наводите дека телефоните се негови:
„Имаше неколку контроли. Сакам да ве известам дека не е пронајден ниту одземен мој телефон“, изјави тој.
Судењето се однесува на сериозни обвиненија за незаконско постапување при набавка на лекови во периодот од 2018 до 2022 година. Според Обвинителството, со фиктивни тендери и нерегуларни постапки била нанесена штета на буџетот од речиси 36 милиони евра.
Осомничените, меѓу кои и поранешни медицински и организациски директори, се товарат за злоупотреба на службена положба, измама и проневера, а дел од лековите, според обвинението, биле набавувани на реверс и не биле аплицирани на пациентите.
Покрај финансиската штета, обвинетите се соочуваат и со дополнителни обвиненија за несовесно лекување, што ги става под сериозен фокус на јавноста. Следното рочиште е закажано за 17 септември.










