ПРВ.мк
Црна Хроника

КОЛЕГИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ПОВЕРУВААТ: Трагично згасна животот на познат музичар!

КОЛЕГИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ПОВЕРУВААТ: Трагично згасна животот на познат музичар!

Светската музичка сцена е во жалост по трагичната смрт на пејачот, текстописец и автор на голем број познати хитови Талеј Рајли, чие вистинско име е Марк Орабии. Тој го загубил животот на 35-годишна возраст по напад со нож во источен Лондон, а веста предизвика неверување кај неговите колеги и бројните обожаватели.

Во текот на својата кариера, Рајли соработуваше со некои од најголемите светски музички ѕвезди, меѓу кои Дуа Липа, Ашер, Чипманк, Крег Дејвид и Бритни Спирс. Неговото име стоеше зад низа хитови кои достигнаа врвни позиции на музичките топ-листи и му донесоа голема почит во индустријата.

Според информациите од полицијата, службите за итна помош во петокот добиле пријава за напад со нож во источниот дел на Лондон. Кога пристигнале на местото, пронашле 35-годишен маж со повеќе убодни рани. И покрај обидите на медицинските екипи да го спасат, лекарите констатирале смрт на самото место.

Во инцидентот бил повреден и уште еден млад маж, на возраст од околу дваесет години, кој бил префрлен во болница со повеќе убодни рани. Според медицинските информации, неговата состојба е стабилна и не е животозагрозувачка.

Полицијата привела двајца мажи на возраст од 27 и 24 години, како и 25-годишна жена под сомнение за убиство. Подоцна, 24-годишникот и жената биле ослободени без понатамошни мерки, додека 27-годишниот осомничен бил пуштен со кауција додека трае истрагата. Случајот го презеле детективите од Одделот за тешки кривични дела, кои продолжуваат со собирање докази и упатиле апел до јавноста за какви било информации што би помогнале во расветлувањето на настанот.

По објавувањето на трагичната вест, семејството на Марк Орабии се огласи со емотивно соопштение, опишувајќи го како сакан син, брат, вујко и пријател кој со својата добрина, талент и позитивна енергија оставил неизбришлива трага кај сите што го познавале.

Со потресни зборови се прости и неговиот брат, текстописецот Скрибз Рајли, кој откри дека непосредно пред трагедијата разговарале за иднината и за заедничките планови, без да претпостават дека тоа ќе биде нивниот последен разговор. Тој истакна дека Марк не бил само негов брат, туку и инспирација, ментор и човек кој имал огромно влијание врз многу луѓе.

Талеј Рајли беше препознатлив како коавтор на светски познати песни како „Young Dumb & Broke“ на Калид, „Who Do You Love“ на The Chainsmokers, „Walk Like This“ на FLO и „Out The Window“ на Kehlani. Тој учествуваше и во создавањето на песната „Lights On“ на H.E.R., која беше дел од албум награден со престижната награда Греми, оставајќи зад себе богато музичко наследство кое ќе продолжи да живее преку неговите песни.