Различните изјави што ги давал 43-годишниот македонски државјанин Миско Л. станале клучен елемент во истрагата за убиството на 45-годишната Ставрула Левентаки на Крит. Според грчките медиуми, токму несогласувањата во неговите искази биле меѓу првите моменти што ги натерале истражителите дополнително да ги проверуваат неговите тврдења.
Според „Прототема“, осомничениот во првичниот разговор со полицијата изјавил дека последен пат ја видел Ставрула Левентаки на 29 мај. Тој тврдел дека жената дошла во неговиот дом околу 16:45 часот, носејќи кеси и неколку јајца, и дека се задржала само неколку минути.
Сепак, истражителите подоцна дошле до видеоснимка која, според нивните сознанија, покажувала дека 45-годишната жена се упатила кон неговиот дом на 30 мај, а не ден претходно. По ова откритие, осомничениот ја променил својата верзија на настаните и изјавил дека средбата всушност се случила на 30 мај, додавајќи дека таа телефонски побарала да ѝ однесе јајца во семејната куќа.
Дополнителни сомнежи кај полицијата предизвикале и фотографиите од истрагата, на кои неговото сино комбе било забележано во областа Мурниес токму на денот кога исчезнала Ставрула Левентаки. Истражителите утврдиле уште една значајна противречност во неговите искази.
Во првата изјава, Македонецот тврдел дека по средбата со жената останал дома до крајот на денот и дека воопшто не излегувал. Но, два дена подоцна, дал поинаква верзија, наведувајќи дека вечерта сепак го зел комбето и заминал до местото каде што ги чувал кокошките.
Според грчките медиуми, токму ваквите разлики во неговите искази, заедно со снимките и сведочењата, дополнително ги зацврстиле сомнежите на полицијата и ја насочиле истрагата во конкретен правец.
Во меѓувреме, сопругата на осомничениот јавно застана во негова одбрана. Во изјава за грчката телевизија „Мега“, таа истакнала дека е убедена во неговата невиност и дека ќе продолжи да го поддржува. Според неа, Ставрула Левентаки била „чудна жена“, а целиот случај го оценила како заговор против нејзиниот сопруг.
Случајот со недели предизвикува големо внимание во Грција. Македонскиот државјанин живеел како потстанар во имотот на Ставрула Левентаки и во почетокот категорично негирал каква било поврзаност со нејзиното исчезнување.
Според досегашните информации од истрагата, подоцна признал дека ја убил 45-годишната жена. Нејзиното тело било пронајдено закопано во нива во близина на Ханија. Првичните наоди укажуваат дека таа имала повреди во пределот на градниот кош, како и удар во главата нанесен со тврд предмет, а грчките власти продолжуваат со истрагата за целосно расветлување на случајот.






