Нови информации излегуваат на виделина по тешката несреќа што ја потресе Србија и регионот, кога едногодишно момче беше тешко повредено откако било прегазено од трактор управуван од неговиот татко во белградската населба Бегаљица, во општината Гроцка.
Според српските медиуми, несреќата се случила во дворот на семејната куќа во момент кога таткото се подготвувал за работа и го стартувал тракторот за да прикачи земјоделска машина. Во тој момент, под сè уште неразјаснети околности, детето се нашло во близина на тешкото возило.
Таткото, не забележувајќи дека неговиот син се наоѓа пред тракторот, го придвижил возилото, по што дошло до страшната несреќа. Момчето се здобило со тешки повреди, а веднаш по инцидентот била повикана медицинска помош.
Во моментот на несреќата, во дворот бил присутен и дедото на детето. Засега не е утврдено како едногодишното момче успеало незабележано да се приближи до тракторот и да се најде токму пред тркалата на возилото.
Повреденото дете најпрво било пренесено во локалниот Здравствен дом, каде му била укажана прва помош. Поради сериозноста на повредите, лекарите донеле одлука за итен транспорт во болница, каде медицинските тимови и понатаму се борат за неговиот живот и вложуваат максимални напори за стабилизирање на неговата состојба.
По несреќата, полициски екипи извршиле увид на местото на настанот и започната е истрага која треба да ги утврди сите околности што довеле до оваа тешка семејна драма. Случајот предизвика шок и голема тага во јавноста, а многумина со неверување ја следат борбата на лекарите за спасување на едногодишното момче.






