Нестабилното време што попладнево зафати повеќе делови од државата продолжува и во вечерните часови, а според најновите информации од Управата за хидрометеоролошки работи, невреме се приближува кон Велес.
Во 20:43 часот, УХМР соопшти дека од северозапад кон Велес се движи нестабилна облачна маса проследена со пороен дожд и засилен ветер.
Претходно, силно невреме со поројни дождови, грмежи, силен ветер и локална појава на град беше регистрирано во Кочани, Виница и нивната околина, по што нестабилната воздушна маса продолжи да се движи кон југоисток.
Надлежните ја следат состојбата и апелираат граѓаните да бидат внимателни, особено при движење на отворено и во сообраќајот, поради можноста за интензивни врнежи и силни налети на ветер.









