ПРВ.мк
Македонија

НЕВРЕМЕТО НАПРАВИ ХОАС ВО МАКЕДОНИЈА: Поплавени улици и оштетувања на повеќе локации - службите цела ноќ на терен!

НЕВРЕМЕТО НАПРАВИ ХОАС ВО МАКЕДОНИЈА: Поплавени улици и оштетувања на повеќе локации - службите цела ноќ на терен!

Силното невреме кое доцна синоќа ја зафати Битола и околните населени места остави зад себе значителни последици, откако за краток временски период наврнаа повеќе од 40 литри дожд на метар квадратен. Обилните врнежи предизвикаа проблеми на повеќе локации, а надлежните служби веднаш излегоа на терен за да започнат со расчистување и санација на штетите.

Од раните утрински часови, екипи на јавните претпријатија „Нискоградба“, „Водовод“ и „Комуналец“ со механизација и оперативни тимови работат на отстранување на последиците од невремето и враќање на нормалното функционирање во погодените делови од градот.

Најголеми оштетувања се регистрирани во населбите Баир и Бадембалари, како и на улиците „Дебарска“, „Бихач“ и „Караорман“, каде што силниот дожд предизвикал оштетувања на коловозите и проблеми со одводнувањето. Активности за санација се спроведуваат и на патниот правец кон Кравари и Бистрица, каде службите интервенираат за отстранување на последиците од обилните врнежи.

На терен беше и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој заедно со директорите на јавните претпријатија ја координираше работата на екипите со цел што побрзо да се надминат проблемите и да се обезбеди нормализирање на состојбата.

„Заедно со директорите сум на терен со цел координирање и санирање на состојбите“, објави Коњановски на социјалните мрежи, посочувајќи дека сите расположливи ресурси се ставени во функција за справување со последиците од невремето.

Надлежните служби и понатаму остануваат ангажирани на повеќе критични точки низ градот и околината, а активностите ќе продолжат сè додека целосно не се отстранат последиците од силниот дожд и не се воспостават нормални услови за движење и функционирање на инфраструктурата.