Владата го усвои ребалансот на Буџетот, со кој годинава државата ќе потроши околу 744 милиони евра повеќе отколку што ќе собере, а буџетскиот дефицит ќе достигне 4,1 проценти од бруто-домашниот производ.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека дополнителните средства нема да бидат потрошени за тековни расходи, туку ќе бидат насочени кон капитални инвестиции. Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни 94 милиони евра за изградба на патишта, железници, водоводи, училишта и реализација на проекти во општините, при што најголем дел од средствата ќе бидат вложени во животната средина, транспортот и образованието.
Истовремено, Владата признава дека ќе наплати помалку приходи од акцизи, пред сè поради намалените давачки за горивата. И покрај најавите за кратење на непродуктивните трошоци, расходната страна на Буџетот се зголемува за речиси 180 милиони евра. Дел од овие средства ќе бидат наменети за плати, субвенции, социјални надоместоци и потребите на институциите.
Според министерката, дел од дополнителните средства ќе бидат обезбедени преку донации, кредити и сопствени приходи на институциите.
Буџетскиот дефицит и отплатата на постојните долгови ќе се финансираат преку домашни и странски задолжувања. Од Владата уверуваат дека и покрај новите заеми, јавниот долг до крајот на годината ќе остане под 60 проценти од БДП.
Владините проекции предвидуваат економски раст од 3,5 проценти во 2026 година, додека просечната инфлација, под влијание на повисоките цени на енергенсите и неизвесноста на светските пазари, се очекува да достигне 4,5 проценти.







