Летото 2026 година во Македонија ќе биде значително потопло од просекот, со чести топлотни бранови од Африка и температури кои во повеќе региони ќе надминуваат 40 степени Целзиусови, прогнозира метеорологот Славчо Попоски.
Според него, просечните температури ова лето ќе бидат околу два степени повисоки од повеќегодишниот просек. Најизразени горештини се очекуваат во јули и август, кога во Повардарието, Скопската Котлина и во југоисточниот дел од земјата температурите често ќе бидат над 40°C.
Попоски најавува и зачестена појава на таканаречени тропски ноќи, особено во најтоплите региони, кога температурата ниту во текот на ноќта нема да се спушта под 20 степени.
И покрај високите температури, повремено ќе има освежувања проследени со развој на нестабилна облачност, поројни врнежи од дожд, силни грмежи, засилен ветер и локална појава на град. Според прогнозите, временските непогоди во одредени периоди ќе можат да бидат и поинтензивни.
Попоски потсетува дека највисоката температура измерена во Македонија е регистрирана на 24 јули 2007 година во Демир Капија, кога биле измерени рекордни 45,7 степени Целзиусови. Истиот ден во Скопје бил измерен рекорд од 43,4 степени.
Сепак, тој нагласува дека нема причина за паника, бидејќи ваквите високи летни температури не се нешто невообичаено за Македонија.
„Не се работи за нешто што досега не се случило. Екстремно високите температури во текот на летото се нормална појава за нашето поднебје и сме ги имале и во минатото, а ќе ги имаме и во иднина“, наведува Попоски.








