Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против двајца универзитетски професори и една студентка поради сомнежи за корупција поврзана со полагање стручен испит од областа на стоматологијата.
Според информациите од МВР, станува збор за 27-годишна студентка од Битола, 56-годишен професор од Гостивар и 63-годишен професор од Скопје. Полицијата не открива на кој стоматолошки факултет предаваат осомничените, ниту на кој универзитет се поврзува случајот.
Во рамки на истрагата биле извршени претреси во домовите на двајцата професори, при што биле пронајдени и одземени 65.280 евра, 29.840 швајцарски франци и 161.500 денари. Од МВР засега нема информации дали некој од осомничените е лишен од слобода.
Според сомнежите, студентката во текот на декември 2025 година, по претходна комуникација преку апликацијата „Вибер“, префрлила парични средства на сметката на еден од професорите. Целта, како што тврди полицијата, била тој да влијае врз претседателот на Комисијата за полагање стручен испит при Министерството за здравство.
Истражителите се сомневаат дека благодарение на таквото влијание, студентката го положила стручниот испит во декемвриската испитна сесија на 17 декември 2025 година, иако, според наводите во кривичната пријава, не го поседувала потребното знаење за успешно полагање.
За случајот е известено Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое ќе треба да ги преземе понатамошните дејствија во постапката. Осомничените засега се сметаат за невини сè додека нивната евентуална вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.







