ПРВ.мк
Македонија

Продолжува санацијата по силното невреме во Кавадарци: Над 70 лица и 30 возила се на терен!

Продолжува санацијата по силното невреме во Кавадарци: Над 70 лица и 30 возила се на терен!

По силното невреме кое синоќа го зафати Кавадарци и дел од населените места во општината, уште од раните утрински часови сите расположливи служби, екипи и ресурси се целосно мобилизирани и работејќи на терен.

Во моментов се ангажирани над 70 лица и околу 30 возила и механизација, меѓу кои цистерни, возила за собирање и транспорт на отпад, комунална и друга механизација, со која се интервенира на повеќе локации истовремено.

Во координираната акција се вклучени Општина Кавадарци преку „Мој Општинар“, ЈП „Комуналец“, ТППЕ Кавадарци, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи – СВР Кавадарци, како и останатите надлежни служби и екипи за справување со последиците од невремето.

Во текот на денот се работи на испумпување на надојдената вода, перење и темелно чистење на улици, тротоари и јавни површини, отстранување на кал, наноси, отпад и паднати гранки, расчистување на коловози, отстранување на пречки, како и санирање на оштетувањата и дефектите.

Посебно внимание се посветува на критичните точки, сообраќајниците, јавните површини и објектите каде што постои ризик за безбедноста на граѓаните, а екипите постапуваат според приоритет и степен на итност.

Паралелно со интервенциите во градот, екипи и механизација се упатени и во селските средини. Се работи на расчистување на локалните патишта и улици, отстранување на наноси и отпад и санирање на последиците на погодените локации. Работата продолжува со засилен интензитет и планот е до утре да бидат опфатени и расчистени сите пријавени критични точки во селските средини.

Во следниот период ќе продолжи деталната проверка на состојбата на терен, повторно чистење и перење каде што е потребно, отстранување на преостанатиот отпад, како и постапување по сите нови пријави од граѓаните.

Од Општината истакнуваат дека обврската е да се реагира брзо и темелно – секоја локација мора да биде исчистена, исперена и доведена во состојба што ќе овозможи безбедно и нормално користење. Интервенциите ќе продолжат и во наредните денови, сè до целосно отстранување на последиците.

Упатена е благодарност до сите ангажирани служби – пожарникарите, комуналните работници, екипите на „Мој Општинар“, припадниците на ДЗС, Полицијата и сите други кои без прекин се на терен, како и до граѓаните за нивната соработка и лоцирање на проблемите.

Се упатува апел до граѓаните за трпение и разбирање, да не ги попречуваат екипите и механизацијата на терен и да бидат внимателни на местата каде што сè уште се работи. Состојбата се следи постојано, а сите надлежни служби остануваат целосно мобилизирани до целосно санирање на штетите.