По последните случаи на врсничко насилство во Скопје, вклучително и тешкиот инцидент во кој 13-годишно момче беше прободено со нож и се наоѓа во животозагрозувачка состојба, Град Скопје и Министерството за образование и наука најавуваат нови активности со кои треба да се спречи и намали насилството меѓу учениците.
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски информираше дека во соработка со Министерството за образование се подготвува поширок пакет мерки. Во процесот, според најавите, ќе бидат вклучени и експерти, а мерките нема да бидат насочени само кон учениците, туку и кон нивните родители.
Ѓорѓиевски најави дека во периодот што следува Град Скопје ќе презентира конкретна платформа, чија цел ќе биде долгорочно намалување на бројот на случаи на насилство во училиштата.
Според него, експертските тимови ќе работат директно со учениците, но и со нивните родители, бидејќи, како што оцени градоначалникот, причините за однесувањето на децата понекогаш треба да се бараат и во начинот на кој родителите реагираат или го воспитуваат детето.
Како дел од мерките за подобрување на училишната средина, градоначалникот ја посочи и одлуката во средните училишта да биде ограничено користењето мобилни телефони за време на наставата.
Од Министерството за образование и наука за весникот „ВЕЧЕР“ посочуваат дека најзначајна улога во справувањето со врсничкото насилство има превенцијата.
Со законските измени донесени минатата година, училиштата имаат обврска во своите годишни програми да предвидат активности поврзани со добросостојбата на учениците, нивната заштита од насилство, злоупотреба и занемарување, спречување дискриминација, како и подобрување на комуникацијата во училишната средина.
Паралелно со тоа, се работи на зајакнување на стручните служби во училиштата, а повторно се воведени и дежурствата на наставниците за време на одморите. Наставниците треба да бидат присутни во ходниците и во училишните дворови, со цел навремено да се забележат и спречат конфликтни ситуации.
МОН информира и дека во Собранието се наоѓаат законски измени со кои се предвидуваат парични казни од 250 евра за родители или старатели на деца за кои ќе биде утврдено дека извршиле врсничко насилство во училиштето. Казни се предвидуваат и за родители кои одбиваат да соработуваат со училишните стручни служби.
Иако од Министерството велат дека статистиката на пријавени случаи не покажува значителен пораст на врсничкото насилство, загрижува фактот што дел од инцидентите стануваат сè посериозни и побрутални.
Податоците од електронската адреса преку која се пријавува насилство покажуваат дека во учебната 2024/2025 година биле евидентирани 49 пријави. Во учебната 2025/2026 година бројот се зголемил на 57.
Во учебната 2023/2024 година, пак, биле примени околу 120 пораки, но од МОН појаснуваат дека поголемиот дел од нив не претставувале конкретни пријави за случаи на насилство, туку препораки, мислења и предлози.
Најчесто родителите или старателите пријавуваат дека нивните деца биле жртви на насилство од други ученици. По ваквите пријави постапуваат Државниот просветен инспекторат и Педагошката служба при МОН, а доколку има потреба, се вклучуваат и Министерството за внатрешни работи и центрите за социјална работа.
Правилата за пријавување и заштита од насилство се регулирани со посебен правилник кој се применува во сите основни и средни училишта.
Правилникот ги опфаќа различните форми на насилство – физичко, психичко, емоционално, социјално, сексуално и кибернасилство, како и злоупотреба и занемарување. Тој предвидува единствена процедура за пријавување, постапување и заштита на учениците.
Наставниците имаат особено важна улога бидејќи тие се првата инстанца која треба да препознае и пријави сомнително однесување или насилство. Потоа во постапката се вклучува стручната служба во училиштето.
Уште на првиот училиштен час, учениците од повисоките одделенија во основните училишта биле информирани дека од оваа учебна година врсничкото насилство нема да биде толерирано и дека за ваквото однесување ќе следуваат строги педагошки мерки.
Дополнително, во јуни годинава МОН, во соработка со МВР, Министерството за труд и социјала, демографија и Комората на психолози, започна национална иницијатива за дополнителна обука на училишните психолози и наставници.
Целта на иницијативата е стручните лица полесно да го препознаваат семејното насилство преку промените во однесувањето на децата и навреме да реагираат, со што би се спречило насилството од семејната средина да се пренесува во односите меѓу врсниците.
Во рамките на иницијативата се организираат и директни средби со родители и наставници. Досега биле опфатени 30 општини, а активностите продолжуваат.
13-годишното момче од Чаир и натаму во животна опасност
Во меѓувреме, 13-годишното момче кое беше прободено со нож во Чаир и се здоби со тешка убодна повреда во пределот на срцето и натаму е во животозагрозувачка состојба.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека состојбата на детето е стабилна, но дека сè уште постои опасност по неговиот живот.
Момчето било повредено во тепачка што се случила на 31 август во Чаир, а во инцидентот учествувале повеќе малолетници.
Поради сериозноста на повредата, детето било хоспитализирано и се лекува на скопските клиники.
Во врска со случајот, 19-годишно лице се наоѓа во притвор. Неговиот малолетен брат, за кого е наведено дека со нож повредил неколку деца, нема да биде кривично гонет, туку за него законската постапка предвидува примена на соодветни воспитни мерки.





