ПРВ.мк
Македонија

Обезбедени 1,2 милиони единици фактор 8: Клековски најави решение за пациентите со хемофилија!

Обезбедени 1,2 милиони единици фактор 8: Клековски најави решение за пациентите со хемофилија!

Министерот за здравство, Сашо Клековски, заедно со директорот на Институтот за трансфузиона медицина, Амир Елези, на прес-конференција информираа дека се обезбедени 1,2 милиони единици фактор 8 за хемофилија, во вредност од околу 500.000 долари.

– Со координирани напори со Институтот за трансфузиона медицина, МАЛМЕД и Институтот за јавно здравје, го разрешивме овој проблем кој досега беше заглавен во административни процедури и ја обезбедивме оваа донација. Факторот набрзо ќе биде достапен за пациентите и значително ќе ја подобри состојбата на оваа категорија пациенти – посочи министерот Клековски.

Воедно, министерот упати благодарност и до здружението „Хемолог“ за континуираниот придонес кон унапредување на третманот на пациентите со хемофилија, додавајќи дека се прават напори за воспоставување регистар за овие пациенти, по примерот на евиденцијата за лицата со дијабетес и ретки болести.

Директорот Елези потенцираше дека сите пациенти со хемофилија се целосно обезбедени со потребната редовна терапија, додека новообезбедените единици се наменети за пациентите кои имаат потреба од елективни хируршки интервенции.