Во Основниот суд продолжи судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што Обвинителството започна со изведување на материјалните докази во постапката.
На денешното рочиште беа презентирани различни документи, меѓу кои записници од претреси, известувања од СВР Штип, документи од Државниот пазарен инспекторат, инспекциски предмети поврзани со правните субјекти „Класик ДМ“ и „ММММ Кафе“ од Кочани, како и налози за инспекциски надзор.
Обвинителството истакна дека станува збор за исклучително сложен предмет со голем број докази и посочи дека доказната постапка се приближува кон својот крај. Обвинителката Наташа Сарамандова нагласи дека доказите имаат за цел да ги разјаснат околностите што довеле до трагедијата во која животот го загубија 63 лица, додека околу 200 други беа тешко повредени.
Во меѓувреме, судот соопшти дека е одбиено барањето на одбраната за изземање на обвинителката Сарамандова, кое беше поднесено поради наводно пристрасно постапување при презентирањето на доказите.
Денешното рочиште започна со околу два часа задоцнување поради проблеми со спроводот на дел од обвинетите. Обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители, а процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска.






