Трагична несреќа се случила вчера во близина на кавадаречкото село Мрежичко, каде што 56-годишен жител на Кавадарци го загубил животот откако товарно возило излетало и паднало во провалија.
Според информациите од МВР, несреќата се случила околу 13 часот при истовар на земја од товарно возило „ман“, кога камионот се превртел и завршил во провалија. Возачот И.К. се здобил со тешки повреди, од кои починал на местото на несреќата. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Кавадарци.
Во извлекувањето на телото и возилото од тешко пристапниот терен учествувале алпинистички тим од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, припадници на ОВР Кавадарци и Територијалната противпожарна единица Кавадарци.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје, додека увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Кавадарци.








