Убава вест пристигна за пензионерите, токму во пресрет на новогодишните и божиќните празници. Дел од банките денеска започнаа со исплата на пензиите, овозможувајќи навремено располагање со средствата во период кога тоа е од особена важност.
Комерцијална банка информира дека исплатата на пензиите започна од вторник, 30 декември. Од банката појаснуваат дека сите пензионери кои користат дебитна картичка можат да располагаат со својата пензија уште истиот ден.
Пензионерите имаат можност средствата да ги користат на безбеден и удобен начин, преку безготовинско плаќање во продавници или онлајн, како и преку подигнување готовина од банкоматите. За оние кои повеќе претпочитаат лична посета, подигнување на пензијата во филијалите и експозитурите на банката е возможно од 30 декември и секој нареден работен ден.
Предвремена исплата реализираше и АЛТА Банка. Во пресрет на празничниот период, банката обезбеди дополнителна погодност за своите клиенти пензионери, овозможувајќи навремена исплата на пензиите за месец декември.
АЛТА Банка денес, на 30 декември 2025 година, ја изврши исплатата, со што пензионерите добија можност навремено и непречено да располагаат со своите средства во денови кога финансиската сигурност има посебно значење.
Од банката истакнуваат дека оваа активност е уште една потврда за нивната посветеност кон унапредување на квалитетот на услугите и грижата за клиентите. АЛТА Банка нагласува дека ќе продолжи да ги следи потребите на своите клиенти и да креира решенија кои придонесуваат за стабилно, сигурно и навремено банкарско работење.
Во своето обраќање, АЛТА Банка на сите клиенти им посакува среќни празници, добро здравје и успешна Нова 2026 година.
















