Хрватската Канцеларија за борба против корупција и организиран криминал – USKOK – поднесе обвинение против поранешниот долгогодишен градоначалник на Риека, Војко Оберснел, и уште три лица, поради сериозни малверзации со земјиште и станбени објекти, со кои градот бил оштетен за околу 176.000 евра.
Иако во официјалното соопштение не се наведени имиња, хрватските медиуми објавуваат дека меѓу обвинетите, покрај Оберснел, се и поранешниот ватерполо репрезентативец Самир Бараќ, кој бил сопственик на градежна фирма, поранешен раководител на градската управа за урбанизам, како и еден судски вештак.
Според обвинението, кривичните дела биле извршени во периодот од јуни 2008 до крајот на 2016 година, за време на вториот и третиот градоначалнички мандат на Оберснел, кој доаѓа од редовите на Социјалдемократска партија. Истрагата била покрената летово и се однесува на купување станови изградени од фирмата на Бараќ, кои Град Риека ги презел под спорни услови.
USKOK наведува дека Оберснел и поранешниот раководител на урбанизмот, по иницијатива на Бараќ, ја фаворизирале неговата фирма на штета на финансиските интереси на градот. Во 2008 година, фирмата на Бараќ добила градско земјиште за изградба на повеќестамбена зграда, иако подоцна биле одобрени две згради, спротивно на условите од конкурсот.
Дополнително, обвинението тврди дека на Бараќ му било дозволено долгот кон градот да го намири со станови чија вредност била вештачки зголемена. Два стана биле преземени од Град Риека уште пред издавање на употребна дозвола, а судскиот вештак во 2013 и 2014 година ги проценил на значително повисока вредност од реалната пазарна цена.
Обвинението е поднесено до Жупаниски суд во Риека, каде што ќе продолжи судската постапка. Случајот предизвика силен одек во хрватската јавност, бидејќи станува збор за еден од најдолгите и највлијателни мандати во локалната политика на земјата.
















