Српскиот медиум „Информер“ објави ексклузивни видео снимки од апсењето на познатиот адвокат Чедомир Стојковиќ, кои предизвикаа силни реакции во јавноста.
На видеото јасно се гледа како Стојковиќ е изнесен од зградата со лисици на рацете од страна на припадници на Управата за криминалистичка полиција (УКП). Апсењето е спроведено по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, кое издало наредба поради сомневање за повикување на насилно соборување на владата.
Според информациите од истрагата, причината за апсењето се сомневањата дека во периодот од април 2022 до декември 2025 година, Стојковиќ преку повеќе јавни објави на социјалните мрежи ги повикувал граѓаните на уривање на највисоките државни институции и нивните претставници.
Обвинението опфаќа вкупно 17 спорни објави, најголемиот дел објавени преку неговиот профил на социјалната мрежа X, кои, според обвинителството, содржат елементи на поттикнување насилство и дестабилизација на државниот поредок.
Во јавноста се појавија и дополнителни видео агли од настанот, на кои се гледа целиот момент на изведување на адвокатот од зградата под полициска придружба, што дополнително го засили интересот и вниманието кон овој случај.














