Американскиот претседател Доналд Трамп ја заостри реториката кон Иран и палестинското движење Хамас по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, испраќајќи јасна порака дека Вашингтон е подготвен на решителни чекори доколку договорите не се почитуваат.
Трамп истакна дека Израел го исполнил својот дел од договорот и нагласи дека одговорноста сега е на Хамас. Според него, доколку движењето не пристапи кон целосно разоружување, ќе се соочи со сериозни последици. Тој порача дека нема простор за одолговлекување и дека трпението има граници.
Во исто време, американскиот претседател упати остри предупредувања и кон Иран. Тој изјави дека САД внимателно ги следат активностите на Техеран и дека се подготвени да поддржат нови напади доколку Иран продолжи со развој на нуклеарна или балистичка програма. Трамп откри дека со Нетанјаху размениле информации за најновите потези на Иран, нагласувајќи дека американската администрација има прецизни сознанија за нивните активности.
– Не сакаме повторно да трошиме гориво на Б-2, тоа е 37-часовно патување. Но, ако треба – ќе го сториме тоа – изјави Трамп, алудирајќи на можноста за нови воздушни удари.
Изјавите доаѓаат откако Техеран потврди дека спровел нови ракетни тестирања, што Вашингтон го оценува како нарушување на кревкиот безбедносен баланс воспоставен по јуниската војна меѓу Израел и Иран.
Говорејќи за состојбата на Блискиот Исток, Трамп изрази желба да се премине во „втората фаза“ од мировниот договор меѓу Израел и Хамас, постигнат во октомври. Израелските власти, пак, повторија дека доколку Хамас не го исполни условот за целосно разоружување, воените операции ќе продолжат без прекин.
– Израел го исполни својот дел од договорот. Ако Хамас не го направи истото, ќе има пекол за плаќање – повтори Трамп.
На прашањето за состојбата на Западниот Брег, американскиот претседател призна дека не се согласува целосно со ставовите на израелската страна, но изрази надеж дека ќе се најде решение што ќе донесе стабилност.
Нетанјаху, од своја страна, нагласи дека Израел е решен да обезбеди стабилна и безбедна граница со Сирија, а најави и дека Трамп ќе биде одликуван со највисокото државно признание на Израел.
Во еден од поконтроверзните моменти по средбата, Трамп спомена дека израелскиот претседател Исак Херцог наводно размислувал за можност за помилување на Нетанјаху во врска со корупциските обвиненија. Херцог подоцна јавно ја демантираше оваа изјава.












