Група од околу 40 мигранти била спречена да влезе на територијата на Македонија во близина на границата со Грција, во атарот на гевгелиското село Моин. При интервенцијата, полициските службеници испукале неколку предупредувачки истрели во воздух, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од МВР, инцидентот се случил на 8 октомври, околу 17:30 часот, кога полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица ја забележале групата на локацијата позната како „Ќупот“.
„При преземањето на мерките, полицајците испукале неколку предупредувачки истрели во воздух“, информираат од Министерството.
Од групата, 15 мигранти биле лишени од слобода и потоа предадени на надлежните служби во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија, каде што треба да продолжи понатамошната постапка.
Случајот е евидентиран од надлежните полициски служби.









