Денеска околу пладне во индустриската зона на Кочани избувна голем пожар во фабрика за производство на изолациски материјали од стиропор. Територијалната противпожарна единица веднаш реагираше со четири возила и 12 пожарникари, кои успешно го локализираа огнот и спречија проширување кон соседните објекти.
Командирот на единицата, Драган Апостолов, појасни дека пожарот бил многу опасен поради леснозапаливиот материјал, но среќа е што нема повредени работници или пожарникари. Во моментот, полицијата врши увид за да се утврдат причините за избувнувањето.
Ова е втор голем пожар во Кочани за само два дена, откако претходно во Оризари изгореа три автобуси и едно комбе, што дополнително ја зголемува загриженоста кај граѓаните.