ПРВ.мк
Македонија

Повторно вандализам во Велес: Уништена опрема на спортски терен наменет за деца и млади (ВИДЕО)

Повторно вандализам во Велес: Уништена опрема на спортски терен наменет за деца и млади (ВИДЕО)

Нов случај на вандализам врз јавен имот е регистриран во Велес. Овојпат оштетени се тартан подлогата и головите на спортскиот терен во ООУ „Васил Главинов“, простор кој е изграден со цел децата и младите да имаат безбедно и уредено место за спорт, рекреација и дружење.

Од Општина Велес посочуваат дека речиси секојдневно се соочуваат со случаи на уништување урбана опрема, детски игралишта и спортски терени. Иако направената штета повторно ќе биде санирана, од локалната самоуправа нагласуваат дека средствата кои се трошат за поправка на намерно уништеното можеле да бидат насочени кон изградба на нови игралишта, терени и други содржини за граѓаните.

Случајот е пријавен до надлежните институции, а се очекува да бидат утврдени сторителите и тие да понесат соодветна одговорност.

Од Општината упатија апел особено до младите да бидат пример за одговорно однесување, а до родителите да разговараат со своите деца за значењето на зачувувањето на јавниот имот.

Граѓаните кои ќе забележат уништување или вандалско однесување се повикуваат случаите да ги пријават до надлежните институции.

„Не можеме да изградиме толку колку што можеме самите да уништиме“, е пораката упатена до велешани, со повик за поголема свест и заедничка грижа за градот и јавните површини создадени со средства на граѓаните.