Новата учебна година ќе започне со значително помал број првачиња, покажуваат најновите податоци на Министерството за образование и наука. Според министерката Весна Јаневска, во септември се очекува во училишните клупи да седнат околу 4.900 првачиња помалку во однос на минатата година.
Иако уписите сè уште не се завршени и претстои уште еден уписен рок, првичните бројки укажуваат на сериозен демографски пад. Дури и по дополнителните запишувања, се очекува бројот на првачиња да биде најмалку 3.000 помал од ланскиот.
Јаневска посочи дека намалувањето не се однесува само на првоодделенците, туку е забележливо на сите нивоа на образованието – од основните и средните училишта до универзитетите, каде што исто така има сè помал број ученици и студенти.
Министерката оцени дека ваквите показатели се сериозен сигнал за демографските предизвици со кои се соочува државата, а според сегашните проекции, негативниот тренд би можел да продолжи и во наредните години.







