Министерството за внатрешни работи продолжува со превентивни активности низ повеќе градови во државата, насочени кон зголемување на безбедноста во сообраќајот, заштита од пожари и спречување на имотни деликти.
Полициски службеници од СВР Велес, Полициската канцеларија Градско и Полициското одделение Чашка спроведоа едукативни активности за превенција од шумски и пожари на отворен простор. На граѓаните им беше укажано на важноста од внимателно извршување на земјоделските работи, намалување на ризикот од предизвикување пожари и навремено пријавување на несовесно однесување. Слични активности беа реализирани и од СВР Скопје и СВР Штип.

Во Демир Капија, полициски службеници од ОВР Неготино организираа акција под мотото „Внимавај на својот дом“, при што ги информираа граѓаните како да се заштитат од кражби и други имотни кривични дела.
Во Кавадарци, полициските службеници реализираа сообраќајна превентивна акција „Вози одговорно“, со која ги потсетија возачите на обврската за почитување на сообраќајните правила и прописи.
Истовремено, во Велес, Скопје, Кочани и Берово беше спроведена кампањата „Носи кацига“, насочена кон возачите на мотоцикли, мопеди и електрични тротинети. Полициските службеници ги информираа учесниците во сообраќајот за важноста од користење заштитен шлем како клучен фактор за личната безбедност.

Дополнително, ден претходно во општините Градско и Росоман беше реализирана превентивна акција против возење под дејство на алкохол. На возачите им беше укажано дека алкохолот сериозно ги намалува психофизичките способности и претставува сериозна опасност за сите учесници во сообраќајот. Во рамките на активностите беше поделен и едукативен информативен материјал.







