ПРВ.мк
Македонија

Полицијата нема да ги признава дигиталните документи: Граѓаните мора да ги носат личната карта и возачката дозвола

Полицијата нема да ги признава дигиталните документи: Граѓаните мора да ги носат личната карта и возачката дозвола

Иако граѓаните отсега можат да пристапат до својата лична карта и возачка дозвола преку мобилен телефон, дигиталните верзии на овие документи засега нема да бидат прифатени при полициска контрола.

Ова го потврди министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој појасни дека за официјално признавање на дигиталните документи се неопходни измени на законите и соодветните правилници.

„Ако полиција ве запре да ве легитимира и ви побара лична карта или возачка дозвола, ќе мора да ги приложите пластичните документи. Потребни се измени на закон и правилници, но се работи на тоа. Дотогаш носете си ги со вас и пластичните документи“, изјави Андоновски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Министерството за дигитална трансформација ја промовираше новата мобилна апликација „м.Услуги“, која овозможува пристап до дигитални јавни услуги и електронски документи.

Апликацијата е замислена како единствена платформа преку која граѓаните ќе можат да користат дигитален идентитет, електронски документи, јавни услуги и известувања, а во следните фази се предвидува и можност за електронски плаќања.

Користењето на апликацијата е бесплатно и доброволно, а нејзината цел е да го поедностави пристапот до државните услуги.

Сепак, сè додека не бидат усвоени потребните законски измени, граѓаните ќе мора да ги носат физичките документи при полициска контрола.