ПРВ.мк
Магазин

ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ПРЕКРСТИМЕ СЕКОЈ ПАТ КОГА ПОМИНУВАМЕ ПОКРАЈ ЦРКВА? - Свети Серафим Саровски даде јасен одговор!

ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ПРЕКРСТИМЕ СЕКОЈ ПАТ КОГА ПОМИНУВАМЕ ПОКРАЈ ЦРКВА? - Свети Серафим Саровски даде јасен одговор!

Поуката на големиот руски светител потсетува на тоа дека од туѓиот поглед многу поважно е она што со осенувањето на крсниот знак го исповедуваме.

Дали треба да се прекрстиме секој пат кога поминуваме покрај црква? Дали е потребно да се осенеме со крсен знак пред икона во туѓ дом, на јавно место или пред да започнеме некоја работа? Додека едни таквите постапки ги сметаат за природен израз на православната вера, други се прашуваат дали е неопходно секој пат јавно да се прекрстат, особено кога се опкружени со луѓе кои можеби не ги делат нивните верски убедувања.

Во тие расправи лесно се губи смислата на самиот чин. Да се прекрстиш не е навика ниту гест со кој на другите им покажуваме на која вера припаѓаме. Во православието знакот на крстот претставува исповедување на верата во Христа, а начинот на кој човек се крсти говори и за неговиот однос кон молитвата, светињата и секојдневниот живот. Уште за тоа зборува една поука на Свети Серафим Саровски, еден од најпочитуваните руски светители. Неговите зборови не оставаат многу простор за двоумење кога станува збор за срамот поради јавното исповедување на верата.

  • Не срами се христијанине да се прекрстиш со десната рака и три споени прста пред црквата кога поминуваш, пред светињата, пред иконата на која ќе наидеш во домот на твојот пријател, пред оброк за да му заблагодариш на Господа, пред почеток на работа, по завршувањето на работата, кога тргнуваш некаде и кога стигнуваш, кога се молиш во црквата или дома... Никаде и никогаш не срами се да се прекрстиш со десната рака во слава Божја, бидејќи како ти Него го позна меѓу луѓето, така и Он тебе ќе те познае на Небото бидејќи не се засрами од Него... - зборуваше Свети Серафим Саровски.

Суштината на зборовите на рускиот светител не е во тоа верникот да се оптоварува со тоа дали секој пат го направил знакот на крстот, туку во тоа да не се одрекува од својата вера од страв од туѓото мислење. Да се прекрстиш пред храмот, да му заблагодариш на Бог пред јадење или да започнеш работа со молитва за православниот христијанин не се постапки со кои се бара внимание на околината, туку начини верата да не се остави на страна штом човекот ќе излезе од црквата.

Затоа прашањето не завршува со тоа дали треба да се прекрстиме кога поминуваме покрај храмот. Многу е поважно дали тоа ќе го сториме слободно, со разбирање и без потреба својата вера да ја приспособуваме кон туѓите очекувања. Знакот на крстот има смисла тогаш кога не е претстава за другите, туку свесно исповедување на она во што веруваме.

Најнови вести